Во светот, менторство/ туторство е општо признат и користен начин за поддршка на поединци, а особено на поединци и/или групи од ранливите општествени категории. Истото се однесува и на деца и млади без родителска грижа кои се институционално згрижени.
„Мој Ментор/ Тутор“
Проектот „Мој Ментор/ Тутор“ се осврнува на обезбедувањето на финансиски средства за менторство преку донаторство, на децата и младите без родителска грижа, како основа за непречено и континуирано одржување на солидното знаење од наставните програми, а обезбедениот континуитет во едукативниот развој пак, го претставува потенцијалот кој, на секоја личност ќе му даде можност за избор на професија, работна ангажираност и вклученост во општествените текови.
Целта на ХЕСЕД е да ја разбуди и поттикне свеста за менторството преку донаторство кај бизнис заедницата, со што ефикасно ќе се задоволат дополнителните едукативни потреби на децата без родителска грижа.
Зошто Ментор – Тутор?
После низа истражувања од страна на наставници и во непосредна близина на децата – корисници на ЈУ 11 Октомври – Скопје, покренавме Пилот- проект за да се надминат пропустите во воспитно – образовниот процес.
Во Пилот-проектот направивме опсервација во учењето на сите деца, каде воочивме голема желба, но и недостаток на можности за нивно едукативно надградување. Во моментов волонтерите на ХЕСЕД работат со децата од одделенска настава поделени во две групи.
Прва група: Ученици од 1 до 3 одделение и
Втора група: Ученици од четврто и петто одделение.
Согледавме голем недостаток во последователно изучување на секојдневните наставни содржини и големи недостатоци во знаењето од изминатите учебни години. Голем број од децата се во состојба каде треба од почеток да почнат да ја изучуваат наставната материја по предметите македонски јазик и математика.
Исто така има ученици кои ја научиле азбуката и застанале со своето надоградување. Во целиот процес со овие ученици најмногу охрабрува нивната желба и интерес за изучување, кога им се посветува внимание и време.
Во овие групи имаме по десетина деца со кои работиме интензивно, но сепак не е доволно работење во група.
Увидовме потреба дека секое дете треба да има свој ментор кој ќе го следи, ќе го стабилизира и врати на потребно едукативно ниво и последователно ќе го насочува и води во целиот воспитно – образовен проецес.
Овој ментор исклучително треба да е наставник со стручна наобразба во дадената област. На секое дете од предучичишна возраст му е потребен водич и насочувач кон основите, а секое дете од одделенска настава му е потребен одделенски настаник, на секое дете од предметна настава му е потребен наставник експерт по македонски јазик, математика и сите општествено-хуманистички и јазично-уметнички науки. Следствено на ова, истото е потребно и кај учениците средношколци после проследената редовна настава во училиштата.